Дали ви е смачено од расфрлени играчки, облека на сите страни, патики, палто и ранец среде ходник, книги на бирото, на креветот, на подот? Дали сте изморени од повторување и преповторување на едни исти работи? Дали и кај вас детето не си стои на зборот: вети дека ќе го храни и шета кучето и по недела-две заборави и на ветувањето и на кучето? Дали постојано треба да му кажувате дека треба да си ги измие забите пред спиење или дека треба да си ги фати чиниите од масата по јадење? Ова се само мал дел од примерите на несоработка на децата. Веројатно секој родител има уште многу што би додал на списокот.
Ако ви е некаква утеха, не сте сами. Добре дојдовте во клубот на родители каде што не е сè така розево како што сме си замислувале. Сепак, имам 2 добри вести. Првата е дека има начин ова да се промени. Втората е дека тоа зависи од нас. Да, од нас: од нашиот пристап, нашиот однос, нашите постапки, нашиот начин на комуникација.
Ајде да се ставиме во позиција на детето. Како ќе се чувствувате ако некој постојано ви наредува, ве обвинува, ве предупредува, ве споредува, ви држи лекции па дури и ви се заканува или ве нарекува со погрдни зборови? Дали ќе сакате да го направите тоа што се бара од вас? Дали ќе се чувствувате поттикнато и охрабрено да го направите тоа го очекува? Јас дефинитивно не, а верувам и вие. За децата да соработуваат (да „слушаат“ како што обично велиме), прво мора да чувствуваат дека се ислушани и почитувани.
Што помага
1. Еден збор. Обично како родители многу зборуваме, прекумерно објаснуваме небаре детето не знае. Децата обично знаат што точно треба да направат, но немаат внатрешен мотив за тоа. Со тоа што претерено објаснуваме, повторуваме едно исто, како индиректно да му кажуваме „Ти не знаеш, па морам постојано да ти го повторувам истото“. Детето чувствува дека немаме верба во неговите знаења и дава отпор, наместо соработка. Ајде да пробаме да го сумираме барањето во еден збор. Наместо „Знаеш дека треба да си го подготвиш ранецот за во училиште. Смачено ми е да те потсетувам секој ден. Ако не го подготвиш од вечер, сигурно нешто ќе заборавиш утредента. Не е убаво да ги одлагаме работите и да ги оставаме за последен момент“, кажете „Ранецот“ и детето знае што треба да направи.
2. ЈАС-говор. Кога очекуваме некој нешто да направи или да престане да прави, ни се чини природно да се фокусираме на него, на неговите постапки. Колку и да звучи неинтуитивно, подобар пристап е да се насочиме кон себе и да зборуваме за себе и за сопствените чувства во дадената ситуација. Наместо „Аман, ме пукна веќе. Престани со тие звуци. Колку си неразбран!“, го насочуваме вниманието кон нашата состојба во моментот и користиме ЈАС-говор (зборуваме во прво лице), на пр. „Навистина ми пречат тие звуци. Не ми се допаѓа кога некој не ги почитува моите потреби.“ Под услов да имаме изградено добар однос со детето, голема е веројатноста дека детето ќе постапи така што ќе гледа да не нè повреди и да ни излезе во пресрет на потребите.
3. Опис на проблемот. Ако сакаме да предизвикаме позитивна реакција кај детето, добро е да се насочиме на проблемот. На пример, „Гледам дека алиштата се на креветот“. На тој начин му даваме шанса на детето да го воочи проблемот. Понекогаш децата не ги прават работите не затоа што не сакаат, туку затоа што не им се во фокусот, не им се приоритет или, едноставно, не ги перципираат на иста начин како нас! Со тоа што му укажуваме на проблемот, ем му го свртуваме вниманието, ем му даваме шанса самото да одлучи што ќе направи. Како и возрасните, и децата сакаат да имаат контрола врз она што им се случува.
4. Прашање. Децата најчесто знаат што се очекува од нив и обично го знаат решението на дадената конфликтна ситуација. Оттука, многу помага ако едноставно ги прашаме како може да се реши проблемот. На пример, „Што треба да направиш ако ти се истури млекото на подот?“. Кога прашуваме, го поттикнуваме детето да бара одговор и да се ангажира. Освен тоа, долгорочно му помагаме да изгради чувство дека е способно и да верува во сопствените способности.
Што не помага
1. Напад и обвинување. Една од поголемите грешки на родителите е што го напаѓаат детето, наместо постапката. На пример, „Леле, каков си, никогаш не си ги средуваш алиштата. Сè некој треба да трча по тебе. Каков човек ќе биде од тебе?!“ Со нападот и, особено, со генерализациите и личните квалификации, го обесхрабруваме детето и му влеваме чувство на срам и вина. Освен тоа, со постојаното укажување на тоа што не е во ред со детето, долгорочно му ја намалуваме самодовербата.
2. Наредби. Никој не сака да му наредуваат, па ни децата. Кога некој ни наредува, автоматски се јавува отпор и блокада, веднаш се активира одбранбен став и отпор. Може да почне да нè предизвикува, да се инаети, а може и да го направи тоа што го бараме од него (најчесто од страв), но длабоко во себе ќе остане повредено, незадоволно, можеби гневно, а долгорочно може да развие лоша слика за себе.
3. Погрдни зборови. „Леле, каква стока си! Па свиња да беше, повеќе ќе внимаваше на чистотата од тебе. Не бидува човек од тебе!“. Ваквите зборови може да предизвикаат слаба самодоверба, огорченост, дури и омраза. Наместо да го поттикнеме, го одвраќаме детето од желбата да го направи нештото и во моментот и во иднина. Може да прибегне кон подмолност и да бара начини да ни се одмазди. Најважно од сè, зборовите што им ги упатуваме на децата стануваат нивниот внатрешен глас во иднина и може да ги прогонуваат свесно или несвесно и кога ќе станат возрасни личности.
4. Закани. „Ако не застанеш со цимолење, утре нема да одиш на роденден.“ Заканите, како и нападите, раѓаат отпор и страв. Детето можеби ќе го направи нештото, но какви чувства ќе го обземат во моментот и каков ќе биде ефектот долгорочно? Заканите не го охрабруваат детето да постапи како што очекуваме, не будат позитивни чувства, ниту го учат на животни вештини. На крај, можеби и ќе постапи како што бараме, но останува чувството на беспомошност, огорченост, омраза, желба за одмазда и подмолност.
Можеби најважната лекција што треба да ја научиме е дека детето, во основа, сака да соработува, сака да ја зачува поддршката и љубовта од родителот, но сака да биде и свое, да има свое „јас“, да носи одлуки самостојно и за себе, конечно, да има чувство на контрола врз сопствениот живот. Умешноста на родителот е да го најде совршениот баланс меѓу овие две спротивставени сили.
Comments