top of page

РОДИТЕЛИ ОД АКЦИЈА

Затоа што животот е љубов! ❤️

DSC_0037(100).jpg

Мојата мисија

Верувам дека за да имаме самоуверени, самостојни и емоционално стабилни деца прво треба да имаме такви родители. Токму тоа е мојата мисија: да им помогнам на родителите да го разберат детето со сите негови потреби, емоции и можности, да се разберат себеси со своите потреби, емоции и уверувања, и да стекнат вештини што ќе им дадат смиреност и ќе им ги олеснат комуникацијата и соработката со детето.​

Предизвиците како неслушање, презборување, цимолење, борба за превласт, пркосење, карање може да се претворат во важни животни лекции и доживотни вештини и карактеристики како соработка, одговорност, решавање проблеми, отпорност, самодоверба, комуникациски вештини, самопочит и почитување на другите.

Со вистинските алатки и насоки, секој родител може да изгради самоуверен родителски авторитет и да ужива во смирена атмосфера во домот. Ги користам своите знаења и искуство за да ви помогнам да го постигнете тоа.

Мојот пат

Она што никогаш не би го повторила е да влезам во родителството сосема неподготвена. Се фокусирав само на очигледното, на видливото, на физичкото, а помалку очигледното, невидливото, нефизичкото го занемарив. Се насочив на телото, а психата и душата ги игнорирав. И тоа не пречеше многу до кај 2-та година од животот на детето. Потоа почнаа борбите. Борби меѓу 2 ега: моето и на детето. Секој влече на својата страна. Многу погрешни очекувања, кавги, нервоза, многу потенцијално драгоцени моменти претворени во дуел. Кулминацијата дојде со доаѓањето на второто дете, кога во игра влезе и трето его. Не можев веќе да се борам. Тогаш решив да кренам раце од директните борби глава со глава и да почнам да работам тактички: со ум, со свесност, со знаење. Инвестирав во себе. Во период од 4 години постојано се едуцирав преку различни едукации и експериментирав, применував, тестирав. Кога ги видов првите резултати, тоа беше знак дека сум на добар пат. Оттогаш постојано сум со некоја книга, работилница или курс. Ги проширив знаењата за развојната психологија, потребите на детето, и еден куп практични техники што ми го олеснуваат секојдневието. Сега го живеам тоа што го сонував на почетокот. Го разбирам детето, знам што му треба дури и кога на другите околу мене не им е очигледно, имам самодоверба со методите што ги користам, детето ме почитува и го прифаќа моето водство. Кога научив да водам, наместо да управувам, детето ја почувствува потребната слобода и доверба. Тоа значително ни го подобри односот што ни е темелот за сè што сакаме да изградиме заедно. Сакам придобивките што ги чувствувам јас да ги почувствуваат што поголем број родители. Ова е местото каде што заедно може да ја постигнеме таа цел.

Моето

искуство

Јас сум Соња Китановска-Кимовска, сопруга, мајка на 3 деца, редовен универзитетски професор, автор на прирачникот за родители „Разбуди го родителот во себе: како родителството да стане уживање“, сертифициран едукатор за позитивна дисциплина, основач на профилот „Родители од акција“ на социјалните мрежи (Instagram, Facebook, YouTube, www.roditeliodakcija.mk) и соосновач на платформата за позитивна дисциплина во Македонија (www.pozitivnadisciplina.mk). Како доживотен ученик и љубопитна личност која сака да се подобрува во сè што прави, откако станав мајка, длабоко нурнав во темата за детска психологија и родителство. Со големи љубов и ентузијазам, тие знаења и искуства активно ги споделувам и со други родители. Досега доверба ми дадоа 5 групи родители на курсот за позитивна дисциплина и над 150 родители на работилници во живо и онлајн организирани преку училишта или независно.

DSC_0154(101).jpg

Моите вредности се:

Поврзување

Меѓусебно почитување

Автентичност

Нежно и цврсто

Доверба

Личен развој

Можности

„Детето што со своето однесување ве оттурнува од себе е дете кому му треба блискост повеќе од сѐ“ – Кели Барнет

bottom of page