Нема родител кој не се нашол во ситуација детето да е вознемирено, налутено, да има напади на бес, да плаче, да вика, а тој, што и да направи, да не дава резултат. Во таква ситуација обично како родители сме или и самите вознемирени и налутени или беспомошни и очајни. Се обидуваме да го смириме, да го вразумиме, да му објасниме, да го советуваме, можеби филозофираме, му ги порекнуваме чувствата, а понекогаш дури и му викаме, го уценуваме или му се закануваме. Нема ефект, тензијата расте и кај едниот и кај другиот.
Истражувањата покажуваат дека постои директна врска меѓу тоа како се чувствуваат децата и како се однесуваат. А, од каде ни е таа бесмислена идеја дека ќе ги натераме да се однесуваат добро со тоа што прво ќе направиме да се чувствуваат лошо?
Да тргнеме од себе. Кога доживуваме непријатни емоции (лутина, разочарување, вознемиреност, тага, бес, љубомора, страв, срам и сл.), ако некој ни ги негира чувствата, постојано нè потпрашува, разумно ни објаснува или нè советува кога не го бараме тоа, нè сожалува и прекумерно нè анализира, или нè уценува или ни се заканува, дали ќе се чувствуваме подобро? Веројатно не. Исто е и со децата. За да се однесуваат добро, прво мора да се чувствуваат добро и, пред сè, видени, разбрани и прифатени.
Како да останам смирен кога детето „збеснува“
1. Прво е важно да си признаеме, да прифатиме и да си простиме ако се чувствуваме преплавено кога детето не се смирува. Сосема нормално е неговиот стрес да се прелее и кај нас. Меѓутоа, уште поважно е да останеме смирени за да можеме да настапиме од позиција на разбирање и да градиме однос на комуникација, емпатија и почит.
2. Воздржете се од акција. Кога имаме нагон веднаш, итно, да постапиме, тоа значи дека сме во состојба „бегај или бори се“ кога е активирана автоматската одбранбена реакција на мозокот, а мислечкиот дел од мозокот е исклучен. Тогаш не е време за акција бидејќи заклучоците што ги носиме може да не се сосема точни. Многу е веројатно таквата акција да биде импулсивна, непромислена, што ќе предизвика отпор наместо соработка кај детето, а за којашто може подоцна и да зажалиме.
3. Ако почувствуваме дека сме изнервирани, првиот чекор е да се смириме што се постигнува најлесно со природниот хакер на мозокот: длабокото дишење. Вдишете, издишете најмалку 10 пати. Внимавајте издишувањето да биде подолго од вдишувањето.
4. Не го сфаќајте лично. Не се работи за нас, се работи за некоја ситуација што го вознемирува детето. Неговата реакција не е реакција кон нас, не е точно дека сака намерно да ни се спротивставува или да нè нервира. Тргнете од претпоставката дека однесувањето е комуникација и неговата реакција е одраз на неговите перцепција, емоции во моментот, толкување на ситуацијата и уверувања. Обидете се да ја откриете вистинската причина.
Што помага детето да се смири:
1. Слушање. Секој сака да биде виден и слушнат, особено кога доживува непријатни емоции. Така првиот чекор што треба да го направиме е да слушаме и тоа внимателно и целосно. Оставете сè друго што правите во моментот и обратете му внимание да детето сега и овде. Покажете искрена љубопитност. Спуштете се на негово ниво, гледајте го в очи и слушајте. Преку невербални сигнали (на пр. кимање со главата) покажете му дека следите што ви кажува.
2. Знаци дека е разбрано. Не е доволно да се биде виден и слушнат. Кога се соочуваме со вознемирувачки чувства, сакаме да бидеме разбрани, сакаме другиот да ја разбере нашата болка. Покажете му на детето дека го разбирате преку некој збор или израз, на пр. „Разбирам...“, „Аха...“, „Хммм..“, „Уф...“, „Леле“, искажани со вистински интерес и загриженост. На тој начин го каниме детето да продолжи да ги преиспитува своите мисли и чувства и можеби да дојде до некакво решение за да ги надмине.
3. Именување на чувството. Понекогаш децата, особено малите, не знаат што чувствуваат, а со тоа што го именуваме чувството им помагаме да се разберат самите себе и им даваме утеха. На пр. „Ау, колку си налутен!“, „Гледам колку многу те изнервирала сестра ти“, „Како да си љубоморен по малку!?“. Кажете ја емоцијата што претпоставувате дека детето ја доживува. Не мора да бидете во право, не е тоа поентата. Важно е да покажеме интерес и разбирање, како и да му помогнеме да се преиспита самото себе. Бидете подготвени дека понекогаш именувањето на чувството може да доведе до засилување на емоцијата и детето да почне уште побурно да реагира. Тогаш имаме две опции: или да го поддржиме да ја канализира негативната енергија, да го „истрпиме“, или да престанеме со именувањето. Особено поголемите деца може да го доживеат именувањето на чувството како испитување или прекумерно анализирање и затоа да пружаат отпор. Тука пресудна е нашата проценка во моментот и подготвеноста да бидеме флексибилни и брзо да се приспособиме на ситуацијата и реакцијата на детето.
4. Емпатија. Дека некој добро разбрал како се чувствуваме најдобро знаеме ако ни покаже дека и тој така се чувствува или се почувствувал некогаш. Покажете дека го препознавате и го вреднувате внатрешното искуство на детето. На пр. „Навистина не е убаво да ти пречи некој кога ја работиш домашната задача“, „Не е лесно некој така да те посрамоти пред другарите“, „Сигурно е болно да ти ставаат инјекција, на никого не му е пријатно“.
Што ја потхранува непријатната емоција:
1. Негирање на емоциите. „Не боли толку, што си се потресол?! Ајде, не е ништо страшно“, „Не е воопшто тешка домашната задача, се решава за 5 минути!“. Порекнувањето на чувствата уште повеќе го засилува чувството и нè вознемирува, ни кажува дека не сме разбрани. Кога негирањето доаѓа од родителот, кај детето може да предизвика дури и чувство на неадекватноста, вина и намалување на самодовербата. Како да му кажуваме „Не е добро тоа што го чувствуваш, нешто не е во ред со тебе“. Наместо да се соочи и да се научи да се справува со емоциите, детето се оттргнува од нив, се дистанцира и престанува да си верува себеси.
2. Прашување. „Зошто ти требаше тоа? Зарем не знаеш дека не се зборува така со наставник? Зошто веднаш не му се извини?“. Кога сме вознемирени, нешто што најмалку ни треба е некој да нè потпрашува, особено со прашања „Зошто“. Потпрашувањето, особено „зошто?“, предизвикува дефанзивност, повикува на одбранбен став бидејќи имаме чувство како да сме под напад од кој мора да се браниме. Непријатната емоција се потиснува или се потхранува со заканата што доаѓа во форма на прашања.
3. Советување. „Ајде, ајде, седни и сработи ја задачата. Јас да сум на твое место, тоа ќе го направам и никогаш повеќе нема да одлагам“. Советувањето понекогаш може да биде добро, но само ако детето е отворено да слуша и да го прими советот. Во спротивно, може да води до поголем отпор и немир.
4. Филозофирање. „Ех, таков е животот. Не може да биде само по твое.“, „Ништо не е лесно во животот. Мора да го научиш тоа.“ Ваквото филозофирање не го намалува или смирува непријатното чувство. Напротив, води до поголема фрустрација и незадоволство.
5. Сожалување. „Леле, за гревота. Колку се мачиш! Многу ми е жал, ми доаѓа да се расплачам“. Сожалувањето води кон сожалување и кон засилување на вознемирувачката емоција.
Запомнете: Лутината е одбрана од подлабоки емоции, како, на пример, страв, тага и сл. Кога детето е налутено, всушност, се брани од другите поранливи емоции. Прифатете ја лутината и покажете емпатија за подлабоките емоции што се кријат зад неа!
Најважното нешто што треба секогаш да го имаме на ум е дека нема неприфатлива емоција, има неприфатливо однесување. Значи, ги прифаќаме сите емоции кај детето и го ограничуваме неговото однесување.
Разбирањето и прифаќањето на чувствата на детето не само што ќе ја смири ситуацијата во моментот, туку има и долгорочни ефекти: му помага на детето да си ги запознае сопствените чувства, да ги именува, да си верува себеси и потоа да научи како да ги контролира.
Comments